Во целата дебата за тоа дали на Скопје му треба комплексот згради на паркингот кај Холидеј Ин, се слушаа и жителите на Ново Маало, делот од градот кој се наоѓа на местото каде треба наскоро според планот да никнат трите висококатници и деловниот центар.
Тие велат дека со децении живеат како во 19, а не во 21 век и дека конечно тој дел како центар на главниот град треба да изгледа модерно.
И секој жител на Скопје би се согласил дека тоа треба да биде соодветно на урбаното живеење.
Но, исто така секој кој живее во Скопје барем еднаш неделно (ако не и почесто) поминал нив центарот на градот, низ улицата „Македонија“ во делот покрај спомен -куќата на Мајка Тереза, кон Музејот на Град Скопје. И веднаш од левата страна ќе види тараби, кои над една деценија не се помрднати. Зад нив ѕирка црквата Свети Константин и Елена, која исто толку се гради, а во дворот и и камбанаријата која зјае како обична бетонска кула.
Ако скршнете десно покрај хотелот „Турист“ (сега „Бест Вестерн“) за да се пробиете мора да поминете низ една тесна патека – од едната страна е зградата, а од другата тараба на градилиштетот кое, исто така постои, со години. Зад тарабата е огромно здание залепено за штабот на ВМРО-ДПМНЕ и на кусо растојание од Технометал.
Од она што се знае, ова треба да биде хотел, но засега, освен конструкцијата и прозорци на одредени катови нема нипто друго. И така е со години.
И кога ќе се пробиете конечно ќе се најдете на плоштадот „ВМРО“, пред вас ќе се распостеле прекрасна глетка на тараби, како потсетник на местото каде некогаш беше стоковната куќа БЕКО.
Од едната страна може да ѕирнете зад полутворените тараби (исклучително опасен дел) и да видите една огромна, ама навистина огромна дупка. Од другата страна пак, ќе видите неколку легнати канделабри, масивни, со жици кои висат од сите страни.
И сето ова во радиус од стотина метри. Градските власти не можат да негираат дека овие места не само што се исклучително грда слика за градот, тие се и многу опасни места.
Прашањето ни е: Дали, пред да се занимаваат со „шминкање“ на градот, локалните власти прво треба да ги излечат овие „градски рани“, кои со години се вака отворени, грди и опасни?