Пазете се криминалци, Владата вработува нови антикорупционери!

Корупцијата е сеприсутна во Македонија. Сеприсутно е и уверувањето кое го дава Владата дека борбата против корупцијата се засилува.

Толку Владата е силно тргната во борбата со криминалот што и требаат нови луѓе – затоа распиша и конкурс. Наредниве денови треба да се види колку граѓани се јавиле на огласот за вработување на десет лица кој што го распиша вицепремиерот за борба против корупција – Љупчо Николовски.

Тоа се нови административци на грбот на граѓаните на Македонија со плата од 22.000 па преку 30.000 денари. Дали се потребни односно неопходни? Дали во услови кога постои Државна комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство, МВР, бројни инспекциски служби, Министерството за правда… се потребни уште нови вработувања за борбата против корупцијата или се работи за ново трупање на ионака преголема администрација? Таква анализа, на дилемата колку се лица и органи имаме посветени на бробата против корупцијата никој не понуди, а потребна е. Треба да се види какви се ефекти имаме од нив, посебно во годината кога остваривме историски најниско ниво во рангирањето ма „Трансапренси интернешнл“.

Втората дилема е дали е добро осмислена целта на нивното ангажирање? Односно, дали се знае што и како ќе работат. Експерти веќе укажаа дека проблемот ќе биде во тоа што тие нема да имаат истражни овластувања. Тогаш, како ќе доаѓаат до клучни докази за тоа дали имало корупција или не, како некој тендер завршил кај некој партиски бизнисмен или како е некој ДУП- скроен по желбите на некој градоначалник кој за возврат ќе добие стан во секоја зграда?

Вицепремиерот Николовски во објавата за конкурсот напиша дека тие ќе помагаат во креирањето и реализацијата на системски мерки за спречување и искоренување на оваа појава. Тоа му доаѓа како да ќе предлагаат законски и други решенија за попречување на корупцијата, нешто за што веќе има надлежни и министерства и други органи. Дали, тогаш, некои веќе постоечки органи ќе станат вишок? Во спротивно во Македонија ќе има по еден антикорупционер на еден криминалец и пак е прашање дали ќе ја завршат работата – освен што со платите ќе го празнат буџетот кој треба да го бранат од лопови.

Претходна вестНови 824 заболени и 31 починат од Ковид-19
Следна вестОблачно време со врнежи од дожд, на планините од снег