Колумна на Борче Милошески:
Пред неколку дена, министерката за образование и наука, Мила Царовска, беше гостин во емисија за време на утринската програма на Македонската радио – телевизија, каде што меѓудругото, истакна дека изминатава година, во период на ковид – кризата ,,професијата наставник станала поценета професија и дека генерално народот (особено, родителите, чии деца се актуелни ученици) посериозно ја воочил тежината на оваа професија во секојдневието. Генерално се согласувам со изјавата на министерката, меѓутоа, искрено ја ценам и се трудам во животот да се водам и според онаа добро позната максима, ,,дела, а не зборови”. За контекстот на моите први две реченици од текстов, ќе следи соодветен пример во продолжение.
Имено, учебната 2020/2021 година, започна со нов план за работа кој во одредена мера не беше во согласност со законот за наставници и стручни соработници. На дел од колегите наставници кои предаваат од прво до трето одделение, двојно им е зголемен фондот на часови и обемот на работа со планот за работа, изготвен од страна на МОН. Сведоци бевме на низа известувања, произнесени од МОН дека зголемениот фонд на часови ќе биде соодветно платен со додаток на платата, меѓутоа, во реалноста многу е мал процентот на училишта кои си ја исполнија оваа одговорност кон оние кои се директни спроведувачи на наставата. По однос на ова прашање, многумина од колегите изразија незадоволство и истите наоѓаа начин да бараат остварување на овој додаток кој им следува. Одреден дел од наставниците, организирани преку Независниот синдикат за образование и наука го искажаа своето незадоволство преку неколку простести и на разни начини се обидоа да апелираат до јавноста и до надлежните за овој проблем. Општо е познато дека во голема мера, работничките права на просветните работници во контуинитет се погазуваат и верувам дека потребно е истите, преку јавни реакции и преку развивање на синдикалната свест и учество во синдикалните активности да и покажат на јавноста дека во образованието не е се така ,,розово“, како што министерството честопати сака да презентира пред медиумите.
Ако сериозно како држава сакаме да покажеме почит кон тежината на професијата наставник, во тој случај, секои наредни образовни реформи пред се, би требало да започнат со гаранција за почитување на работничките права на наставниците, бидејќи, во однос на голем дел од досегашните образовните реформи, да се изразам со еден стар афоризам на Растко Закиќ, ,,беа направени толку многу промашувања, што веќе сите сме погодени“.