Случајот Рашковски ги однесе истражителите на Правниот факултет

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамките на истрагата против четири лица, за кои постои основано сомнение дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување, изврши претрес во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје што ги користел осомничениот управител на правно лице и се одземени компјутери.

Ова е поврзано со случајот што се води против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци кој сам го направил, а потоа преку фирмата „Инвока груп“ конкурирал на тендер во Владата кој тој го распишал и потоа го купил за 80.000 евра.

Подоцна во истрагата се појави и информацијата дека сопственикот на фирмата користел простории на Правниот факултет каде Рашковски е професор и наводно таму се наоѓале материјали со прашањата за тестирањето на кандидатите на Академијата за судии и обвинители.

Ова поттикна сомнежи дека е можно тестовите да се „пробиени“ односно некој од сега осомничените во случајот да имале пристап до прашањата кои би можеле да се злоупотребат.

Денеска од ОЈО информираа дека во досегашната истрага, не се пронајдени материјали поврзани со приемните испити на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители.

Софтверот за полагање на испитот за прием на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители, пак, не е одземен, посочуваат од ОЈО.

Инаку, Рашковски и сопственикот на оваа фирма Даниел Станчев од пред три дена се во притвор во Шутка, откако по жалба на ОЈО, мерката домашен притвор им е заменета со 30 дена притвор во истражниот затвор во Скопје.

Претходна вестФатен на лице место како краде од автомобил
Следна вестИ следната учебна година ќе се оди со безбеден пристап, се зависи од ситуацијата