Се одржа семакедонскиот протест, како што беше најавен, под мотото „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“ од кој произлезе барањето за ослободување на затворените за насилниот упад во Собранието од пред 4 години.
„Слобода за Игор Југ, за Ченто, Пешов, слобода за Митко Чавков”… Со вакви транспаренти, македонски знамиња и скандирања за правда за обвинетите од случајот 27ми април, се одржа протестот под мотото “Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите”. Со истата маршута како пред четири години на протестите “За заедничка Македонија”, протестот започна од Владата, а заврши пред Собранието каде имаше силно полициско обезбедување. Химната таму ја отпеа единствениот кој од судот доби ослободителна пресуда за собраниските инциденти, Игор Дурловски.
Пресудите да се укинат, а судиите кои донеле неправедни политички одлуки да одговараат – порача Дурловски кој рече дека до државниот врв, меѓународните организации и странските амбасади ќе испратат Декларација за неправедно осудени патриоти.
Протестот беше најавен како “семакедонски”- го организираа неколку здруженија, семејствата на осудените, а присутни беа граѓани и од други градови.
Поддршка за протестот дадоа ВМРО-ДПМНЕ, Левица и неколку помали политички партии. Присутен беше и Мицкоски со сопартијците кој на социјалните мрежи напиша:
-Даваме поддршка и бараме ослободување на уставобранителите, тие не се и не можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја, потенцира Мицкоски.
За потсетување, во затвор за 27ми април се вкупно 16 луѓе за дело “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”, а највисоката казна ја доби поранешниот директор на БЈБ Чавков. Во февруари годинава Апелација ја намали казната за дел од осудените, од вкупно 211, на 188 години затвор.