Нови 21 илегални мигранти фатени кај Градско, пандемијата „му се погоди“ на шверцот на луѓе

Ковид пандемијата и уште повеќе заострените мерки на сите држави во светот не се пречка за мигрантите во нивните обиди за бегство кон Западна Европа. Само вчера, на делница од автопатот А1 се фатени и спречени нелегално да го продолжат патот 21 мигранти, а возачот на комбето, инаку албански државјанин, е уапсен.

-На 26.04.2021 околу 10.30 часот на автопатот А1, делница Градско – наплатна станица „Отовица”, пред место викано „Дервенски мост”, полициски службеници од СВР Велес запреле комбе, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Б.(37) од Република Албанија. Возачот се обидел да избега, но веднаш е лишен од слобода, а по преглед во возилото биле пронајдени 21 лице – мигранти од Пакистан и Индија, соопштуваат од МВР.

За настанот бил известен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против А.Б. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Обидите на мигрантите и нивниот „лов“ не стагнира, без разлика на вонредната светска ситуација. Имено на 15 март во контејнер од товарен воз кој сообраќал на релација Грција-Романија на Табановце, фатени се 15 мигранти, 13 од Авганистан и двајца од Пакистан. Лицата се сместени во Транзитниот камп „Табановце“ за понатамошна постапка.

На 28 февруари пак, фатени се четворица, кај Банско, при полициска контрола на возило „мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки. Возачот на автомобилот бил 35 годишен жител на Долна Баница, Гостивар.

Прашањето е каде продолжуваат и што се случува со мигрантите? Оние кои не бараат азил во Македонија, а тоа се мнозинство, каде завршуваат? Капацитетите на Центарот за азиланти не се големи, а и најголем дел од нив немаат намера да застанат тука, туку да продолжат кон Европа. Изгледа пандемијата „му се погоди“ на шверцот на луѓе. Дали бројот на илегални мигранти на светско ниво е ист, намален или зголемен, во време на пандемија – различно го анализираат различни медиуми и земји.

Претходна вестСе запали плевна во Смилковци, повредено едно лице
Следна вестОтворен е конкурсот „Рациново признание“ за 2021 година