Празничен ден во Македонија. Но, мора и да внимаваме со пандемијата. Маски и дистанца – вака изгледаат црковните храмови изутрината. Црковни редари ги спроведуваат верниците и се трудат да обезбедат ред. Во црквите е поставена плаштеницата под која верниците се протнуваат и оставаат црвено јајце, а од попладне почнува да се дочекува Христовото воскресение.
Апелите и од власта и од лекарската фела се ако мора дружење во малку поголеми групи тоа да биде на отворено, дистанцирано, да се избегнуваат затворените простории и блиски растојанија.
Истовремено, како што информираат медиумите, хотелските и другите сместувачки капацитети во Охрид се преполни. И не само тие, угостителите соопштуваат дека и ресторантските маси се веќе резервирани и ќе биде тешко да се најде место за ручање низ градот до понеделник. Тоа практично значи дека опасноста од ширење на вирусот останува, бидејќи се е оставено на свеста на граѓаните да се заштитат себе и другите.
Додека Охрид е преполн, Скопје нагло се испразни. Скопјани кои изутрината ги посетија црквите велат брзо и едноставно стигнале со автомобили или автобуси. Метеж немало, а и нервозата што тој ја предизвикува ќе стивне барем на три дена, коментираат оние кои останаа дома за празникот.