Имаат ли општините воопшто пари да набават компјутери, таблети или лап топи за децата на кои им се неопходни, за да се спроведе експресната дигитализација на образовниот процес што ја форсира Министерството за образование? Ова прашање очекувано се наметнува, откако синоќа во едно свое телевизиско гостување министерката Мила Царовска не одговори конкретно на слично прашање.
-Совршен систем не постои никаде во светот ниту пак во нашата држава, но првиот чекор мора да го направиме затоа што сите истражувања покажуваат дека нашите деца остануваат парцијално неписмени. Треба да согледаме каде се проблемите, изјави Царовска.
Ова повлекува други дилеми: зошто општините до сега не покажаа конкретни анализи и бројки што може, што треба и како треба да се преземе? Дали некој и побара таква анализа? Ова како да е наградно прашање, оти изгледа само преку стимулација со награда локалците можат да се охрабрат и да и се спротивстават на централата. Единствен кој од локалната власт проговори е раководителот на секторот за образование во општина Теарце, Рамиз Реџепи кој беше дециден дека се брза со реформата, без да се земе предвид прво што мислат родителите и наставниците, но и дека не смее слепо да се преземаат реформски процеси од други земји без да се процени амбиенталниот момент, културата и традициите во Македонија.
Инаку, денеска членови на иницијативниот одбор од Фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“ се на средба со Царовска, што ќе им каже, и дали тие ќе прифатат, ќе се знае околу пладне.
Дали ќе успеат да го стопираат процесот, на како што ја нарекуваат, избрзаната реформа?