Шилегов ја објасни тактиката во играта за ФК Вардар

Иднината и опстојувањето на легендарниот фудбалскиот клуб „Вардар“ станува се понеизвесна. Решенијата се уште не се надзираат, а различни ставови околу неговата иднина сега искажуваат и политичарите. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов од владеачката СДСМ  и претседателот на Градски комитет Скопје на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Владимир Нелоски имаат различни видувања за спас на клубот кој е гордост на градот и цела Македонија. Клубот, инаку, е пред испаѓање во втората лига, но она што повеќе загрижува е финансиската состојба која е очајна.

Една од варијантите за спас беше и можноста Вардар да биде вратен на Град Скопје, но градоначалникот Петре Шилегов денска во изјава за „Сител“ уште еднаш потврди дека тоа нема да се случи. Шилегов нема намера градот да го преземе клубот со долг од 3.5 милиони евра.

-Вардар е приватен клуб. Некој одлучил да го продаде, а не нашол механизам како да се покријат трошоците. Јас не можам да го земам клубот со долг од 3,5 милиони евра, изјави Шилегов.

Се најавуваше и голема инвестиција од Катар и според зборовите на Шилегов таа приказна не е затворена.

Од друга страна, претседателот на Градски комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски вчера во настапот на ТВ Алфа рече дека ФК Вардар е синоним за Скопје и Република Македонија и е спортски бренд кој под никакви услови не смее да се дозволи да згасне.

-ФК Вардар е душата и срцето на Скопје. Скопјани и сите македонски граѓани се гордеат со Вардар и се идентификуваат во светот преку неговото постоење. Не е страшното дали Вардар ќе замине во втората лига, па ќе се врати во елитата, туку страшното е што градоначалникот нема ниту желба да помогне барем малку. Шилегов треба да го тргне своето его на страна и да се потруди да изнајде решение преку кое ќе се спаси клубот, а како најизгледна шанса е градот Скопје да биде новиот сопственик на клубот, рече Нелоски.

Тој додаде дека после октомври, кога градот Скопје ќе добие нов градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ФК Вардар ќе биде во сигурни раце и неговиот просперитет нема да биде под никаков сомнеж.

-Тоа нема да биде само спас за Вардар во дадениот момент, туку ќе биде нов проект и ново вложување во Вардар како спортски бренд кој со години треба да функционира без никаков проблем, објасни Нелоски.

И така, околу ФК „Вардар“ се подготвуваат разни тактики за игра, ама самиот клуб има опасност да престане да игра фудбал…

Претходна вестМакедонија во група со Данска, Словенија и Црна Гора на ЕП 2022
Следна вестВМРО-ДПМНЕ со предлог закон ќе го брани предметот Историја од Царовска