Долги години личеше на депонија, за сега да прерасне во зелен сквер. Се работи за просторот кај поликлиниката „Идадија“, во центарот на Скопје, од предната и од задната страна.
Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата е уреден за максимално да се искористи како место за одмор, релаксација и контакти, а задниот парк е детско игралиште кое може да го користат сите деца над три години.
Станува збор за редизајн на постојна зелена површина од 585 квадратни метри околу Поликлиниката „Идадија“. Инвестицијата на Град Скопје за овој проект е околу 2,6 милиони денари, а локацијата е избрана од страна на граѓаните во рамките на Иницијативата на „Скопје Лаб“ и УНДП која започна во 2018 година.
Оваа новоуредена јавна површина е трета од вкупно 5 локации што се преуредуваат како дел од оваа иницијатива. Да се надеваме дека ќе има уште вакви иницијативи, бидејќи има и други локации во Центар кои треба да се средат.