Што ќе каже Заев во Брисел или можно е само да слуша насоки што треба да сработи?

По долго време премиерот Зоран Заев ќе оди во странство – работно. Ќе ја преставува Македонија во Брисел. Бугарското вето, но и последните изјави на еврокомесарот Оливер Вархеји дека е можно раздвојување на Македонија и Албанија на европскиот пат се очекува да бидат главни теми на разговорите тој денеска ќе ги води со званичниците на ЕУ.

Заев во седиштето на ЕУ ќе има средби со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

Што ќе каже македонскиот премиер на сите овие званичници? Можно ли е само да слуша понатамошни насоки што треба да сработи?

Политичката температура минатата недела ја крена Вархеји кој прво при посетата на Скопје, а потоа и во изјава за „Еуроњуз“ кажа дека е можно Брисел да ги отвори пристапните преговори само со Албанија, доколку не се најде заедничко прифатливо решение меѓу Македонија и Бугарија. На ова се спротивставија високи функционери на Германија и на Словачка, кои рекоа дека во ЕУ не се подготвува раздвојување на Македонија и Албанија.

Заев деновиве изјави дека кандидатурата на Македонија е тест за кредибилитетот на Европската унија на Западен Балкан, за тоа дали ЕУ ќе ги одржи ветувањата. Во интервју за грчкиот „Катимерини“, во контекст на бугарската блокада, Заев нагласи дека за Македонија, за македонскиот народ, неприфатлива е каква било интервенција во македонскиот идентитет.

Од Брисел владината делегација патува и за Шпанија како прва посета на оваа земја на премиерско ниво, а веднаш потоа и во Атина каде Заев ќе учествува на економски форум, а ќе се сретне и со својот грчки колега Мицотакис.  

Претходна вестАпелацискиот суд решава за казните на Боки 13 и Катица Јанева
Следна вестИзложба „Слики“ на Стефан Младеновски во „Јадро“ отворена до 18 мај