Еве што не знаат министрите

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Неодамна, министерот за северно-надворешни работи, без да му ја мисли многу, говорејќи за Историските комисии и за инхибирачката динамика во нивното работење, изјави дека „не треба да се плашиме за отворањето на историските теми… без никакви стравови и предрасуди помеѓу експертите“. Но, подобро ќе беше и тој и сите оние кои ја се занимаваат надворешната политика да поднаучеа нешто од историјата, конкретно за македонско – бугарските релации.

Имено, две години пред потпишувањето на Декларацијата за пријателство меѓу Р.Македонија и Р.Бугарија (Љ.Ѓорѓиевски – И.Костов), поточно во 1997 г. т.н. Научен центар за бугарска национална стратегија, ја имаше веќе изработено „Националната доктрина“ и тоа во два дела. Првиот има наслов – ,,Фундамент на бугарска национална доктрина“ и вториот – ,,Национални стратешки програми. Заштита и духовно обединување на Бугарите во светот“.

Накратко, според доктрината сè што во светот е познато или се претставува за македонско, да се именува или претставува како бугарско. Куриозно, ниту една од бугарските влади, независно од идеолошките и политичките определби, не отстапува од одредниците на доктрината, имајќи ја притоа и соработката на одредени македонски политички претставници (поранешни или актуелни)!

Една година по приемот на Бугарија во ЕУ (2007), поточно во март 2008 г. е подготвена книгата со наслов „Бугарската политика спрема Република Македонија: Препораки за развој на добрососедски односи по приемот на Бугарија во ЕУ и НАТО и во контекст на проширувањето на ЕУ и НАТО во Западен Балкан“. Во нејзината подготовка учествувале повеќе научници, амбасадори и други истакнати лица од бугарското опшество. Во оваа група се и историчарите Ангел Димитров – актуелниот копретседател од бугарска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и Божидар Димитров познатиот негатор на македонската историја.

Во програмата се предвидува доколку билатералните односи на Р Македонија со Р Бугарија не се изградат врз „коректна и здрава добрососедска основа“, Софија ќе ја брани својата кауза, односно ,,Националната доктрина“ (1997) со сите средства. И да потсетиме, оваа доктрина почива врз политичките одлуки (1963) на Комунистичката партија на Бугарија (КПБ) предводена Т.Живков на негирање на македонската етногенеза (народ, јазик, историја) третирајќи ја исклучиво како политичка инструирана и контролиранa (квази)научна доктрина.

Ете, зошто постои страв и недоверба за „отварање на историските теми“ пред сè во македонската научна и општествена јавност (за комисистите не сакам збор да трошам). Нештата треба да се познаваат и да се знаат, особено кога станува збор за политичко работење!

А, уште повеќе треба да се знае да се вклучат политичките, институционалните и научните потенцијали во одбрана на националните и државните – македонски интереси.

 

Претходна вестВардар испадна од Првата лига
Следна вестСам сум во парк – и понатаму да носам маска?