Антикорупциска ќе го даде пред Уставен суд законот за легализација на дивоградбите

Државната комисија за спречување на корупција е на мислење да поднесе иницијатива до Уставниот суд за вчера донесениот закон за легализација на дивоградбите, изјави за МКД.мк претседатлката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Таа вели дека Комисијата ќе го анализира текстот на Законот, но првично од она што е објавено во јавноста, според неа, може „крст” да се ставиме на сите други закони.

-Ова што беше донесено како закон, нема никаква логика, вели Ивановска.

Вчера во Собранието беше донесен закон со кој се дава можност да се легализираат сите дивоградби.

Сега секоја дивоградба може да смета на легализација доколку нејзиниот градител е подготвен да плати за 50 проценти поскапи комуналии. Доносителите на законот ќе објаснат дека се работи за до сега изградените дивоградби, но кои се гаранциите дека во иднина нема пак да се легализираат бесправно изградени објекти кои ќе никнуваат насекаде. Впрочем ова не е прво легализирање на дивоградбите низ Македонија.

Како е направена градежната атмосфера во Македонија не е чудно ако оние што планираат да градат дивоградби сега веќе да почнат со градба за да го искористат рокот од осум дена до почеток на важењето на Законот со неговото објавување во „Службен весник“ па во тој период да изградат ново објектче кое ќе биде легализирано.

Освен тоа, ќе се прекинат сите судски постапки против оние кои ги прекршиле законите и граделе бесправно. Со законот не само што се дава право незаконски работи да добијат правна основа, туку и граѓаните кои ги почитувале законите кога граделе се во нееднаква правна состојба.

Претходна вестУплатените, а неискористени летни аранжмани за странство нема да пропаднат
Следна вестКој што прави, кај нас се гради: Во март издадени над 50 отсто повеќе одобренија од лани