Што правеа општините и инспекциите за да ги спречат илјадниците дивоградби?

Власта сака да ги легализира дивоградбите. И покрај големиот отпор од мнозинството граѓани и покрај непотпишување на законот од страна на претседателот Пендаровски премиерот Заев ја турка агендата – дивоградбите треба да се припитомат.

А колку, всушност, има довоградби Македонија? Ова прашање, се чини, веќе една деценија не може да добие одговор. Вчера, тоа на свој начин го потврди и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кога кажа дека „ бројката од околу 50.000 дивоградби што би биле опфатени со новиот закон за легализација е според проценките на општините“. Односно, според него, бројот на поднесените барања за легализација кои ќе следат откако ќе се донесе новиот закон ќе покаже колку точно има дивоградби!?

Излегува, значи, дека ни во овој момент не се знае точната бројка. Со бројот на дивоградбите во земјава се шпекулира уште од 2011 година кога се донесе првиот закон за легализација. И тогаш се проценуваше дека има меѓу 300.000 и 400.000 дивоградби. Но, колку точно има, не се утврди.

До сега, по основа на тој закон се легализирани околу 260.000 дивоградби, но колку останаа не се знае. Зошто не се знае треба да одговорат општините кои треба да имаат увид во градбите на своја територија.

Бројните општински администрации кои по секои избори се полнат со партиски активисти до сега требаше да сработат нешто, макар и елементарна евиденција на дивоградби. Вака, излегува дека само немо гледаат што се прави на нивна територија. Па нели има инспекции кои требало тоа да го спречат?

Ако вака продолжат да „работат“ и по новиот закон, состојбите ќе продолжат по истиот терк: одново ќе се градат дивоградби и одново целиот проблем ќе се решава со некој нов закон.

Претходна вест45-годишен јубилеј на катедрата по македонски јазик, литература и култура на рускиот Ломоносов
Следна вестЗемја или вода ќе има во фонтаната на споменикот на Децата – бегалци?