Македонската и бугарската делегација оваа година заедно ќе го одбележат Денот на светите браќа Кирил и Методиј. Претседателите на двете држави, Стево Пендаровски и Румен Радев на 26 мај заедно со бугарски авион ќе отпатуваат за Рим.
Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари, ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски.
Претседателот Пендаровски вели дека на заедничкото патување со бугарскиот колега Румен Радев за Ватикан наредната недела нема да има официјални преговори околу спорот со официјална Софија, но очекува неформален и џентлеменски разговор.
Како што изјави претседателот, тие не одат на патување и средби во Ватикан кај папата за да го решаваат спорот туку за да го чествуваат 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј.
-Сигурно ќе стане збор ама тоа ќе биде неформален контакт, муабет. Воопшто не е планирано да има некои формални разговори. Не затоа што е ситуацијата во Софија е таква со службена влада туку затоа што претседателот таму, како и тука, не ги води оперативно тие работи. Владите ги водат. Сигурно дека не е реално дека воопшто нема да прозбориме за проблемот, меѓутоа нема да бидат тоа преговори, изјави Пендаровски.
Според програмата, македонската делегација, предводена од Пендаровски и бугарската, предводена од Радев, ќе имаат одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Црковната делегација на МПЦ-ОА, пак, на 24 мај, на Денот на сесловенските просветители, предводена од владиката Пимен, ќе замине за Рим, каде што ќе чиноначалствува со молебен на гробот на св. Кирил во чест на сесловенските просветители.
Пендаровски и Радев лани ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на ковид-19.