Во предлогот на ЕУ за решавање на спорот со Бугарија не се чепка идентитетот, тврди Заев

Имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое сме убедени дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија, оцени премиерот Зоран Заев за предлог – решението на министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји.

-За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји.

– Нашата цел е во текот на нашето претседателство со Советот на ЕУ да добиеме одобрение од сите земји-членки на ЕУ и да ја започнеме преговарачката рамка со Македонија и Албанија и да ја одржиме првата меѓувладина конференција со двете земји, изјави португалскиот министер по средбата.

Тој посочи дека за нив е важно да одржат политички консултации и тука во Скопје и да ги имаат предвид ставовите и интересите на Македонија.

Силва и Вархеји во Скопје дојдоа од Софија каде го однесоа предлогот. Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев кажа дека во бугарската политика кон Македонија има целосен континуитет и не може да се очекува промена, но целта е да се создадат неопходните услови за продолжување на дијалогот.

 

Претходна вестПаѓа бројот на новозаразени и на активни случаи, бројот на починати пак 15
Следна вестГи чита ли министерката Царовска писмата од родителите против дигитализација?