Чие завладувачко пробивање ја прекинало дејноста на Св. Кирил и Методиј?

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Деновиве вибрираат чудни струи во воздухот – и од домашниот и од надворешниот свет. Небаре целта им е да изразат уште еднаш, презривост и потценување на македонската цивилизациска вредност во европската и во светската културна баштина. Пискотници од дрска подбивност и груба залауфаност на севозможни „политички амеби“ за да нè вкалапат во некакво историско заедништво и да нè избришат како посебни – Македонци, и тоа, во пресрет на големиот празник – 24 Мај денот на светите браќа Кирил и Методиј.

Чествувајќи го овој ден, оддаваме почит кон нивната севкупна мисионерска и културна работа. За нас, Македонците, солунските браќа се важни како основачи на првата словенска азбука – глаголицата, како учители и просветители. Во основата на глаголицата тие ги поставиле јужномакедонските говори од околината на градот Солун (селата Сухо, Високо и Зарово). Исто така, во неа било вградено и стекнатото искуството на Методиј, а потоа и на Константин (Кирил), при управувањето на Стримонската склавинија – „словенско кнежевство“.

Биле составени и повеќе „книги на словенски јазик“, а во христијанска вера воведени ок. 54.000 луѓе од кнежевството. Оваа мисија на браќата, позната како Брегалничка, сепак, не била доволна за да го спречи завладувачкиот пробив на Бугарите во македонските источни делови. Иако дејноста им била прекината кон крајот 855 г., сепак нивното наследство ќе оживее во текот на последните децении од IX и во почетокот на X век, благодарение на работата на нивните ученици Климент и Наум. Тие од градот Охрид и неговата околина, создале средиште на словенското просветителство и христијанство – познатата Охридска книжевна школа, во која се образовале околу 3500 ученици. Оваа високообразовна школа, прва во словенскиот свет, доследно се придржувала до изворната кирилометодиевска традиција, употребувајќи ја глаголската азбука во писменото општење.

Во однос на сесловенскиот атрибут на мисионерската дејност на браќата Кирил и Методиј, клучна е нивната работа што ја реализирале во словенското кнежевство Моравија, почнувајќи ја во 863 г. Оваа мисија е важна за сите словенски народи и е опишана во познатата папска енциклика „Grande Munus“. На 30 септември 1880 г. папатa Леон XIII го објавил споменатото писмо  со кое го вовел чествувањето на светите Кирил и Методиј во целата Католичка црква, заради нивното ширење на христијанското учење среде словенските народи и нивното описменување. Во ова папско писмо, од повеќето податоци за мисионерската работа на браќата, впечаток прави досегот на нивната дејност – „Моравија, Бохемија, Панонија, Босна, Галиција сè до Киев и Московското кнежевство опфаќајќи ги Либурните и Србите… Панонците…Бугарите…Далматинците…Карантанците“, накратко од Словачка до Украина и Русија, како и целиот словенски Балкан.

Севкупната мисионерска и културна работа на браќата Кирил и Методиј, родум од Солун (Тесалоника) – „прв град на Македонците“ им ги донела именувањата и епитетите „Еднакви на Апостолите“, „Апостоли на Словените“ и „Заштитници на Европа“. Почетокот на Моравската мисија (863), 24 мај (11 мај по стар ст.), во XI век Црквата го прогласила, за ден насветите просветители Кирил и Методиј.

Овој датум во чест на светите браќа Кирил и Методиј и основачи на првата словенска азбука е државен македонски празник. Нека е честит и вековит!

Претходна вестПроектот „Сега“ претставник на Македонија на Биеналето за архитектура во Венеција
Следна вестЛевица: Време е помалите партии во Собранието да престанат да бидат приврзок