И во закажан термин за вакцинирање можев да видам метеж пред влезот во салата, како и грда слика на поделеност меѓу привилегираните луѓе од власта и понижените од народот (што и да значи тоа), залепени како сардини и нервозни. Секојдневно апелираат да се вакцинираме, а тоа е повеќе страв отколку грижа за тој народ „во кој се крстат“. Постои можност на крајот (како Иван Грозни) да се запрашаат: А каде е мојот народ? Се појавија нови форми на поделби и на компромиси, некој нов центар за цензурирање и во области кои им се туѓи или не ги познаваат, како и казнив говор на омраза. Инаку, и во супермаркетите не се води грижа за доследно спроведување на протоколот за заштита.
На седми мај слушнавме и тоа дека полицијата, како високо морална професија е „огледало на државата“, а таа е партизирана и ги штити своите, а не сиромашните и немоќните. Своето владеење го крепи со корумпирани институции, како и со донации од оние кои потоа ќе се однесуваат како сакаат. Создаден е нов сој партиски војници кои единствено се грижат за личниот интерес, како и разните „владетели“, „војводи“ и „војводки“ кои исушија се што допреа. Затоа не може да владее правда и закон, ниту мир.
Кому да му ја оставиме душата и умот на младите? Тие ќе ја спроведат (без оглед на сериозните забелешки) „големата реформа“ во образованието. Во Кина се водеше тешка борба против зависноста од компјутерот и мобилните, а ние со дигитализацијата на учебниците само ќе ја зголемиме: децата со понудените лесни, готови и атрактивни, лесно достапни содржини ќе се оддалечуваат од реалноста и нема да развиваат самостојно критичко мислење. Притоа, не им е важна состојбата во училиштата (на пример, што се случува во Училиштето за применета уметност итн.) ниту можноста нивната реформа да се реализира и во сиромашни семејства и средини. Ќе обезбеделе поддршка и со ЕУ знаменце , што зборува за безобзирна лична и партиска ароганција. Еден уметник со тоа што врз куп „слики“ забоде црно знаме нешто порача. На телевизија се појави ученичка која прочита текст во одбрана на реформа. До тука ли стигнавме?
До сега, велат, немало заразени од причестувањето на верниците со една лажичка. Ако Божјото царство за некои нема ништо заедничко со владеењето на земното, тогаш на кое царсто припаѓа корона вирусот кој мутира?
Графитот „Архитекти градете хумано“ одамна е избришан. Што значи изразот: „нови урбани системи“ во услови на дивеење на урбаната мафија? На друг, дополнет, графит стои: овде гомно, таму свет, а малку понатаму корона – маска, во разни бои. Скопје расцутило од ѓубре насекаде, но дали проблемот е само во смрдеата?
Сакам да го издвојат новиот мурал, според слика од Карел Апел на фасадата на Домот „Кочо Рацин“ во кој, во минатото се оствари разновидна и богата културна активност.