Со директно гласање на МојГрад: Три предлози на скопјани утре на дневен ред на Советот на градот

Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици, пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град се првите три најгласани предлози за кои скопјани сметаат дека се меѓу најитните прашања за кои Градот треба да најде решение.

Овие три проекти, според оригиналната замисла на платформата, сега влегуваат во институционалните процедури, односно преку советничката Драгана Велковска ќе бидат ставени на дневен ред на утрешната седница на Советот на Град Скопје.

Таа заедно со авторот на платформата Горјан Јовановски, двајцата претставници на граѓанската коалиција Зелен хуман град, под чија капа функционира МојГрад, очекуваат градските власти да покажат слух за потребите на скопјани и да ги одобрат трите предлози за подобрување на урбаното живеење во градот.

Платформата „МојГрад“ алатка на проектот „Зелен Хуман Град“ во кој учествуваат дванаесет локални граѓански здруженија, чија цел е во следните месеци оваа алатка да прерасне во масовен виртуелен форум и сервис за решенија на локалните урбани и еколошки проблеми.

Целта на МојГрад е да промовира поинаков начин на одлучување за градските политики, преку враќање на моќта директно во рацете на  жителите на Скопје, наместо кај партиските функционери.

Претходна вестМоже ли од дупка да се отвори нов Клинички како пупка?
Следна вестИ бензинот и дизелот од полноќ поевтини