Огромниот притисок од јавноста даде резултати. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја увиде катастрофалната грешка со новите дресови за репрзентацијата и донесе одлука на Евро 2020 да игра во старите традиционални црвено-жолти дресови.
Илјадници потписи беа собрани на интернет против новите дресови, а се огласија многу навивачки групи, истакнати поединци и нашинците од светот кои изразија несогласување и неодобрување на новиот дизајн на дресовите. Грешката, како што кажа првиот човек на ФФМ е исправена. На Евро 2020 македонската репрезентација нема да игра во бордо дресови. Ќе почекаме да видиме што се другите две варијанти на дресовите – бели со жолта комбинација и виолетови со црна.
– Драги навивачи на македонската репрезентација, како претседател на Фудбалската федерација на Македонија чувствувам обврска да се обратам до фудбалското семејство во врска со промоцијата на новиот дрес на македонската репрезентација за Европското првенство.
Најпрвин, изразувам искрено жалење за негативните реакции кои што беа предизвикани од бојата на новиот дрес. Свесни сме дека репрезентативниот дрес претставува чест и амбиција на секој фудбалер уште од најрана возраст. Репрезентативниот дрес беше подготвен со голема радост на барање на фудбалерите. Тимот бараше нови репрезентативни дресови. Ние сакавме да го исполниме тоа барање.
За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ. Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер. Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови.
Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото, објви претседателот на федерацијата, Муамед Сејдини.