Македонските власти чекаат објаснување од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје зошто доцнат руските вакцини Спутник В. Требало да стигнат до крајот на мај, а сега сме веќе во јуни. Нема информација дали официјално се обратиле до амбасадата, или пак само јавно пред камерите побараа објаснување.
Инаку, вакцините Спутник В, стигнаа први од сите кои своевремено Македонија ги нарача. Иако руската амбасада претходно јавно соопшти дека неколку пати есеноска, но и зимата испраќале официјални писма со понуди до македонската комисија за имунизација, одговори не добивале. Но, ваквиот однос на македонската страна, не беше пречка во процесот на доставување на руската доза во месец март. Спутник В претходно ни донираше и соседна Србија.
Во меѓу време се случија неколку политички важни моменти. Македонија протера еден руски дипломат, и никогаш не ја образложи детално својата одлука. Тогаш руската амбасада испрати порака преку Твитер дека ќе одговори соодветно. Можеби тука некаде треба да се бара причината за доцнењето? Или, пак, македонската страна некаде згрешила во процедурите, како што тое се случуваше претходно?
Од друга страна, пак, министерот за здравство Венко Филипче уверува дека имунизацијата нема да запре посочувајќи ги најавените донации од Бугарија и Грција, како и количините од „Фајзер“ (преку ЕУ и од директниот договор со компанијата) кои пристигнуваат на неделно ниво. Најавените донации од 70.000 (50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција) најверојатно ќе бидат вакцини на „Астра Зенека“, а министерот тврди дека тие вакцини сепак ќе се искористат зашто сè уште има граѓаните над 60 години кои не се вакцинирани.