Премиерот Зоран Заев и потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска повторно се соочија на суд по тужбата за клевета од Заев, за изјавата на Николоски дека „Заев е врвот на пирамидата во случајот ‘Рекет’“.
Заев, како тужител, во својот исказ денеска рече дека „со јасно однапред смислена намера, заради политички цели се споделени апсолутни невистини, од страна на господинот Александар Николоски, со конечна цел, да се изманипулира јавноста“, односно, како што нагласи, со случајот „Рекет“ да се „урне неговото име“.
– Ова ги поминува сите граници на политичко општење кое што не е дозволиво никаде, ниту пак, било кој поединец вака со лаги и клевети нападнат треба да го дозволи, рече Заев.
Тужениот Николоски изјави дека не знае која е причината поради која е поднесена оваа тужба, бидејќи, како што рече, смета дека се работи за класична политичка дебата помеѓу власта и опозицијата.
– Нормална пракса, во едно демократско општество е опозицијата да ја критикува власта, а доколку власта не се согласува или евентуално има други наводи и сознанија, за она што е изнесено во јавноста, истото може да го демантира преку средствата за јавно информирање, рече Николоски.
Тој дополни дека тужбата ја смета како притисок врз него со цел да престане да изнесува во јавноста информации и сознанија за работењето на власта, особено што, како што нагласи, ова е втора тужба од семејството Заеви кон него, што смета дека дополнително зборува за намерата да биде обесхрабрен да изнесува информации во јавноста.
Заев го тужи Николоски за изјава дадена во август 2019 во контекст на случајот „Рекет“ во која го обвинува дека е на врвот на пирамидата што изрекетирала над 20 милиони евра. Завршните зборови за случајот се закажани за 4 октомври.