Министерката за образование Мила Царовска го форсира планот за итна дигитализација на учебниците веќе од септември. Меѓутоа, Министерството за образование не одговори на неколку клучни прашања што до сега мораше да бидат затворени, доколку есенскиот старт со дигитализацијата е сериозно фиксиран.
Едно од нив е зошто не се објави тендер за фирмата која ќе ги набавува таблетите за секој ученик? Можеби, си велат има време, а и наставните програми не се готови, иако требаше да бидат. Зошто не се отворат работни места за информатичари кои ќе ги сервисираат ИТ услугите во секое училиште, како што вети Царовска? Како е возможно да се направат учебници за само еден месец? Кога ќе се корегираат? Кога ќе се ревидираат? Можеби нема да се во ред па ќе треба да се менуваат? Ќе имаат грешки, недоследности. Колку пари ќе одвојат општините за дигитализацијата, имаат ли воопшто пари? Се знае дека повеќето преживуваат од простувањето на милионските долгови, како што е случај со една богата општина како Карпопш или Охрид.
Има и други прашања. Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ не добила одговори на ниедно на единствената средба што ја имаа во МОН, на која Царовска не се појави. Немаат ни записник од средбата, а им ветиле дека ќе им го пратат.
– Пендаровски никогаш не ни одговори на барањето да имаме средба. Ни побараа писмено преку маил да им испратиме, но никогаш не ни вратија, макар да кажат кога би можел претседателот да не прими. Никогаш не ни одговорија ни од кабинетот на премиерот, иако и од него баравме средба. Единствена средба имавме со луѓе блиски на министерката Мила Царовска, но никогаш не ни дадоа записник од тој состанок, дури ни на маил не ни го пратија. Работната група која беше на средбата ни ветуваше дека и интернет пристап ќе им се обезбеди на децата, како и електронски уреди. Ама како? Кој ќе го изработи тој прирачник за кој јавниот повик трае во моментот, а треба да се имплементира веќе од септември?! Чист аматеризам, порача синоќа во интервју за Алфа, координаторката на граѓанската иницијатива Драгана Спасевска.
Таа открива дека сериозен пристап на реформските процеси почнала поранешната министерка за образование Рената Десковска, ама никој не знае што се случило со тоа. Биле формирани 6 работни групи со експерти, родители и сите инволвирани страни, а опфатени биле 700 наставници. Се очекува Десковска да се произнесе и да објасни зошто реформскиот пакет кој таа го поставила Царовска не го продолжи и надгради.