Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:
Од односот на општеството кон историјата може да се согледа и неговата искрена намера да напредува. Бидејќи, таа не само што го проучува минатото, туку ја определува сегашноста и ја насочува иднината.
На внатрешен план, годиниве наназад, македонската историја е поттурната и омаловажена и како народно колективно сеќавање и како научно легитимирана дисциплина со осум децениско искуство.
Така, на надворешен план, еден дел од македонската историја е отстапен на јужниот сосед (без ни малку грижа и совест на владеачките претставници), а еден дел, безмалку ќе стане „зедничка историја“ – бугарска.
Така добиваме историско, именско, национално и идентитетско „моделирање“ на македонскиот атрибут, според една Спогодба (2018), според еден Договор за (небаре)добрососедство (2017), според едни (Не)Уставни промени од 2019 г. (противасномски) и според едни други договори (рамковни, јазични)!
Следејќи ја оваа низа, неодминлив е впечатокот, дека всушност се работи за злоупотреба на демократскиот процес и процедури, како и занемарување на основните човекови права и слободи, од страна на она што претставувало или претставува власт и моќ во ова наше општество. Па така во контекст на неодамнешното актуелизирање на Преспанската спогодба и на оние другите договори во Декретот на американскиот претседател, кратко ќе забележам дека истите се н а в р е д л и в и за демократијата и за општите човечки вредности и по својата содржина и по начинот на кој се востановени во македонската држава. Сепак, впечаток е дека се востановени и заради корупцискиот менталитет и некомпетентноста на властодршците во ова општество што ѓоа сака да напредува.
Ние живееме во еден изопачен систем на квази-капитализам, поточно живееме во феудализам, во кој управува партиско-далаверско-религиозно класа на политичари (сосе со нивните семејства, роднини и пријатели)! Додека пак во европски рамки, сè позабележителен е „повозвишениот“ вид на овој систем – „технофеудализмот“. Или како што вели грчкиот учен и економист J.Варуфакис, тоа се моќ и власт, концентрирани во една личност или во еден центар и темелени на дигитални платформи, каде не постои слободен пазар и размена на капитал!
Но, да се вратам на нашиве феудалци кои во изминативе неколку децении збогатувајќи се непримерно, сурови и неуки, транзитираат низ политичкиот медиум од македонствувачи во севернисти-преспанисти, во бугаро-добрососедисти, во федералисти-илиристи. Тоа се неморални чудовишта, никаквеци со плитка општествена идеја и грдост, извитоперени карикатури на нашата стварност.
За нас, обичните луѓе, надвор од овој деформиран систем, притиснати од оваа феудална структура на моќ и власт, останува да се бориме за проста човечка слобода, разбирајќи ја како можност да бидеме подобри и почесни луѓе, подобри и почесни Македонци, заради нашите идни генерации!