Данското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Македонија, Албанија, Либан и Србија се додадени на жолтата листа, откако државниот Дански институт за превенција и контрола на заразни болести регистрираше пад на стапката на инфекции со коронавирус во овие држави.
Според ова, од 19 јуни, патниците од овие земји можат да влегуваат во Данска без да одат во карантин и без двојни тестирања за ковид-19.
Сепак, за овие земји останува условот да се тестираат пред да влезат во земјата.
Овие земји досега беа на портокаловата листа, што значи дека патниците исто така можат да влегуваат во Данска за несуштински потреби, но морат да поминат низ самоизолација и тестирања за ковид-19.