Владата денеска одлучува дали ќе се предомисли и ќе се откаже од планот за воведување на еколошка такса од 4,13 денари со ДДВ за секој наточен литар нафта и бензин, или пак нема. Ако се одлучи за второто, бизнис заедницата стравува дека тоа ќе биде силна шлаканица врз стандардот на живот на граѓаните но и удар врз стопанството.
-Еколошкото оданочување има функција на дестимулирање на активности кои придонесуваат кон загадувањето како приоритет, но неговото воведување мора да има предвидливост и период за прилагодување. Одржливост и стабилност на даночниот систем може да се постигне единствено со однапред планирани решенија за кои ќе има доволно време и соодветни услови за имплементација. Воведување на ад хок решенија создава непредвидливост и несигурност кај стопанството што негативно влијае на намалување на деловната активност, велат од Сојузот на стопански комори.
Она што уште повеќе револтира е фактот што владата до сега не побарала официјално мислење во врска со воведувањето на новата давачка. Јавноста пак се плаши, и тоа со право бидејќи и експертите предупредуваат: воведувањето на зелениот данок ќе ја подгрее инфлацијата.
Граѓаните и бизнис-заедницата очекуваат владата денеска да се премисли.