На 13 јули официјално ќе започне постапката за подготовка на теренот за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС, а дислоцирањето треба да заврши за период од 12 месеци, за што веќе се обезбедени 8,4 милиони евра – заеднички средства од Глобалниот фонд за животна средина, Норвешка, Делегацијата на ЕУ и Владата.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини уште во април го потпишa Решението за одобрување на Планот за ремедијација на локалитетот на ОХИС АД Скопје, со што ќе можат да започнат активностите за отстранување на линданот и на почвата контаминирана со линдан од малата депонија, откако од Агенцијата на ОН УНИДО стигнала потврда дека е прифатен планот на фирмата „Полиеко“, избрана на меѓународен тендер за чистење и ремедијација на малата депонија со опасниот историски отпад линдан, како и за дефинирање на временската рамка на изведбените работи.
Илјадници тони токсичен отпад се депонирани во дворот на ОХИС, остаток од производството на пестицидот Линдан, кој се правел во фабриката. Меѓу токсичните супстанци, има и значителни остатоци линдан, кој од 2009-та е забранет за производство. Речиси една деценија подоцна, Македонија се уште бара начин како најбезболно да ја затвори оваа отворена рана.
Линданот е пестицид, кој порано се користел во земјоделството. Белиот прашок служел како инсектицид, а со неговото одвојување од другите соединенија се создала огромна количина токсичен отпад кој се депонирал на отворено.
Иако затрупани, смртоносните супстанции во ОХИС се сметаат за најжешка еколошка точка во Македонија.
Земјата со која е покриен отпадот, не претставува никаква заштита, туку напротив се контаминирала од отровите и така се создала уште поголема маса од четириесет илјади тони опасни супстанци кои со децении се оставени на отворено. Со текот на времето бетонските базени распукале, па со линдан се контаминирале и подземните води.
ОХИС одамна не постои, но линданот и натаму е закана за здравјето особено на оние кои живеат во околината. Да се надеваме дека конечно по толку децении, оваа темпирана бомба конечно ќе биде деактивирана.