Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесуваат интерпелација за спикерот Џафери

ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе поднесат интерпелација за претседателот на Собранието, Талат Џафери поради неговиот говор на албански јазик пред Комитетот на министри на Европскиот парламент (ЕП) во Брисел, но и за кршење на ковид-протоколите на седницата кога двајца пратеници од мнозинството, кои беа позитивни на ковид-19, дојдоа во скафандери за да гласаат за економските мерки, објавија пратениците на овие партии, Гордана Силјановска-Давкова и Димитар Апасиев.

Левица ја најави интерпелацијата во петокот, а тогаш од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат и кривична против Џафери поради кршење на Уставот.

Во соопштението што денеска го објави Левица, а во кое посочува дека добиле поддршка и од останатиот дел од македонската опозиција, се наведуваат три причини за интерпелација на собранискиот спикер:

– повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката;

– свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот, преку противуставно, противзаконито и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници кои говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот; и

-повреда на Протоколот и Дополнението на протоколот за организирање седници во услови на корона-криза, кога спикерот – правејќи кривично дело – дозволи двајца позитивни пратеници на ковид-19 да гласаат во скафандри во Собранието на РМ, загрозувајќи го здравјето на сите останати пратеници.

Од Левица поднеле и иницијатива за вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, кое е надлежно да врши контрола над правилната употреба на македонскиот јазик од јавни и приватни субјекти.

Џафери минатата недела се обрати на албански јазик пред Комитетот за надворешни работи, во рамки на Самитот „Европски парламент – Западен Балкан“ во Брисел, иако според уставниот амандман 5 од 2001 година „на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“.

Во врска со тоа што пратеници што беа во изолација гласаа во Собранието, за што и Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа кривични против Џафери и против пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ (сега поранешен пратеник), Обвинителството соопшти дека ги отфрлило пријавите затоа што не станува збор за кривични дела што се гонат по службена должност, но и затоа што се утврди дека биле испочитувани протоколите од Комисијата за заразни болести.

Претходна вест17 години бегaл за на крај пак да го фатат
Следна вестЗлатко Марин не се предава – повторно ќе се кандидира за градоначалник на Аеродром