По месец и половина откако ја започна вакцинацијата на граѓани на два пунката кај Делчево и Ново Село, бугарската компанија „Комак медикал“ ја прекинува работата на 31 јули. Причина е што државава обезбедила вакцини за граѓаните во различни градови во земјата. Досега сите што се вакцинирале со една доза ќе можат втората да ја примат до 31 јули.
Вакциналните пунктови на бугарската медицинска компанија работат во реонот на граничните пунктови Станке Лисичково-Делчево и Златарево-Ново село, меѓу двете држави и граѓаните што сакаа да се вакцинираат немаа потреба од ПЦР-тестови за влез во Бугарија. Единствено требаше претходно да закажат термин за вакцинација.
Според информации од компанијата, од 17 мај досега 3.200 граѓани од земјава биле вакцинирани на бугарската граница и ним им биле издадени сертификати за вакцинација.