Oпштина Центар најави денеска дека ќе реконструира 9 детски игралишта во општината во рамки на летните активности.
Комплетна реконструкција е предвидена за игралиштата во дворот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“, на улицата „Партение Зографски“ на Водно, во објектот „Бели мугри“ на детската градинка „Кочо Рацин“, игралиштето на улицата „Владимир Полежановски“, зад Универзалната сала и игралиштето во ООУ „11 Октомври“. Тоа ќе значи целосна обнова на реквизитите, поставување нови гумирани и бетонски подови, нови лулашки, клупи, корпи за отпадоци и друга урбана опрема, велат од Општината.
Санација ќе има на уште 4 други детски игралишта: на плочникот зад поранешна „Агромеханика“, во паркот „Капиштец“, игралиштето зад ТЦ „Зебра“ и детското игралиште во населбата Пролет.
На овие игралишта ќе се сервисираат искршените и оштетени реквизити, ќе биде обновена бојата и ќе бидат дополнително уредени со урбана опрема и зеленило за да се добие целосна функционалност и повторно да им бидат на располагање на децата и родителите, кои дневно ги посетуваат.