Нов бран на ковид-19 е сè поизвесен, мора да го задржиме ова темпо на вакцинација, порачува министерот за здравство, Венко Филипче.
– Нов бран е сè поизвесен, тој не одбегна многу европски земји, веројатно нема да не одбегне ни нас. Само од нас зависи дали ќе го пречекаме вакцинирани во што поголем процент, ќе го ублажиме и ќе спасиме човечки животи. Барам максимална одговорност, но пред сè поддршка и вклученост. Ширете ја пораката дека вакцинацијата е единствен начин да ставиме крај на пандемијата. Разговарајте и убедете ги оние кои сè уште се двоумат затоа што веќе е научно докажано и проверено – вакцините функционираат. Тие се безбедни и спречуваат хоспитализација или смрт од ковид, вели Филипче.
Тој веќе најави дека можно е за невакцинираните лица да се воведат рестрикции за местата каде што има можност за масовни собири, по примерот на други европски држави.