Антикорупциска: Кревањето на прагот за независните кандидати за локалните избори е политичка корупција

Антикорупциска комисија смета дека предлог-измените на Изборниот законик се проблематични по повеќе основи, односно дека самите законски интервенции, кои се случуваат непосредно пред локалните изборни, се спротивни на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка.

-Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР укажува дека промените на Изборниот законик во 2017 година, донесени во скратена постапка, без широки консултации, се во спротивност со обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ и се препорачува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики, но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување, пишува во соопштението на ДКСК.

Во однос на законската измена со која се подига прагот за поднесување независни листи на 2 процента и велат дека за тоа веќе добиле иницијатива од Граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, која брои 20 граѓански здруженија.

Оттаму додаваат и дека носењето на измените во Изборниот законик по „ултра“ скратена постапка се спротивни на мерките и активностите, што во рамките на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК ги доставила до Собранието и Владата, како институции задолжени за нивно реализирање.

-Забрзаниот и нетранспарентен начин со кој Владата на РСМ, Собранието на РСМ и поголемите политичките партии се обидуваат да го зголемат прагот на собрани потписи за поднесување на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник кога подносител е група избирачи, од аспект на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК го оценува како класичен пример на политичка корупција, велат од ДКСК, додавајќи дека ова е и суштинско нарушување на владеење на правото, наспроти декларативната заложба на политичките партии за негово унапредување.

Претходна вестТешка сообраќајка во Куманово
Следна вестПоради топлото време: Дневно стотина интервенции на итната помош и десетина колапси