ВМРО-ДПМНЕ: Нема потреба од партиска предизборна парада при економска и здравствена криза, рамковниот договор е завршена работа

Прославата за рамковниот договор наместо државна агенда, стана партиско-политичка промоција, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако вистински се грижеа за духот на рамковниот договор тогаш парите од прославата ќе беа попаметно да се пренаменат и дадат за реконструкција на училиштата во Тетовско, Гостиварско, Кумановско или за решавање на проблемот со вода за пиење во Тетово. А, секако најдобро ќе се искористеа и за сервисирање на канадерите за гасење на пожар, посочуваат од најголемата опозициска партија.

Опозиционерите потенцираат дека коалицијата на власт дала предност на криминалот, наместо соживотот.

-Најголемата закана за рамковниот договор е токму власта која го дели народот на тие кои се со нив и народот кој не е. Воедно треба власта да одговори дали прославата на рамковниот и одложување на мерките поради прославата не значи доказ за целосно политизирање на процесот и воедно лажната грижа за здравјето на граѓаните. Оттука ВМРО-ДПМНЕ ниту претседателот Мицкоски нема да учествува во таквиот декор. Нема потреба од партиска предизборна парада во услови на тешка економска и здравствена криза, рамковниот договор е завршена работа. Парите можеше да се искористат за многу други цели, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестНаучна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ од 15 август до 5 септември во Охрид
Следна вестДве лица од Куба се обиделе илегално да ја поминат границата кон Грција