Уште колку бранови треба да има вирусот за да научат носење навремени мерки?

Загрижувачки е билансот на новозаразени и починати лица од корона вирусот во последниве петнаесетина дена: над 8.500 новозаразени и над 90 починати граѓани! Практично се соочуваме со нов четврти (или кој и да е по ред – се губи веќе бројката) бран на корона вирусот, сега мутиран во нов сој. Она што збунува сега е брзото ширење на вирусот во ситуација кога околу 470.000 граѓани веќе примиле две дози на вакцини, а околу 150.000 граѓани веќе ја прележале болеста и имаат каков-таков имунитет. Но, кога ќе се види што се се случувало во изминатиов период кога имаше „примирје“, какви „превентивни“ мерки биле преземани од страна на надлежните, како се однесуваа самите граѓани, тогаш овој поразителен биланс не треба да зачудува.

Надлежните здравствени власти сега на брзина носат нови забрани за да се спречи ширењето на вирусот: во угостителски објекти не може да се влезе без сертификат за вакцинацијата или потврда за прележана болест во изминативе месец и половина, се забранува работата на кафеаните во затворениот дел, а терасите може да примат само половичен капацитет, за сите македонски и странски граѓани кои влегуваат и излегуваат од земјава, ќе се бара ПЦР тест, доказ за прележаност или вакцинална потврда на граница

Зошто дури сега се размислува за границите, за затворениот дел од кафаните? Зарем не се носат мерките задоцнето, односно откако вирусот почна незапирливо да се шири? А ширењето почна по периодот во кој имаше големо попуштање на мерките – се дозволи одржување на свадби и на други свечености во затворени простори, па дури имаше публика на спортски настани… Надлежните ова го правдаа со намалувањето на бројот на новозаболените и умрените лица кои што се случуваа во месеците јуни и јули и кога бројот на активните случаеви беше сведен на околу стотина. Уште малку фалеше да се прогласи и победата во битката со корона вирусот. Затоа пак сега има и мерки кои не се баш многу логични и има здравствени експерти кои велат дека треба да се изменат.

-Состојбата е веќе излезена од контрола. Многу се доцнеше со било какви мерки, а се доцни посебно сега. Прерано ги олабавија мерките. А нови не носеа најверојатно поради економски причини. Свадби, собири и слично во затворен простор не требаше да се дозволат оти луѓето почнаа неконтролирано да се однесуваат. Не требаше да примаме во државата граѓани без ПЦР тест или слично, смета граѓанката Дијана Ивановска.

И Даниела Крстевска смета дека не биле донесени исправни мерки.

-Веќе се е излезено надвор од контрола. Надлежните власти никакви исправни мерки не донесоа, се што прават е погрешно. Мерките не биле стегнати за да се олабават, потенцира ова граѓанка.

Властите сега на брзина размислува и за старо – нови мерки: да се ограничи работното време на кафеаните, да се редуцираат местата во јавниот превоз... Сепак, главното прашање е зошто за ова не се размислуваше порано за четвртиот бран да не донесе вака тешки последици.

Рестикции дури кога вирусот почна да галопира

Министерот за здравство Венко Филипче во телевизиското интервју во понеделникот објасни дека превентивните мерки не биле воведени порано бидејќи ситуацијата била поволна.

-Имавме помал број на новозаразени и заболени и немаше потреба да се воведат нови рестриктивни мерки, рече тој.

Од ова излегува дека надлежните посегнуваат по мерки само тогаш кога вирусот галопира, кога нагло се зголемува бројот на заболени и починати лица. Зарем не е целта да се превенира – пресретне можен бран наместо да се реагира откако бранот мава сериозно?

Претходна вестИзневерени сме, Македонија е куќа која се урива секој ден по малку
Следна вестУгостителите и туристичките работници до Владата: Сменете ги мерките, ќе пропаднеме