Граѓаните кои од Авганистан ќе пристигнат во наша земја нема да одат во карантин туку прво ќе им се направи ПЦР тестирање и други прегледи, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека е разработен еден протокол за постапување за оние 190 лица кои, според најавите од Владата, привремено треба да бидат прифатени овде.
-Ние не знаеме како е точно таму ситуацијата, па во таа смисла треба да им се пружи лекарска помош ако им е потребна. Ќе стигнат жени и деца, ќе дојдат гинеколошки и педијатриски тимови, како и матични лекари за сите, за да видат дали евентуално е потребна лекарска помош. На сите овие луѓе ќе им се направи ПЦР тестирање, а невакцинираните од сите што ќе дојдат, после два или три дена од тестирањето ќе бидат вакцинирани. Тоа ќе се спроведе во местата односно во хотелите каде што ќе бидат сместени. Карантин нема да има бидејќи имаме ПЦР тестирање и гледаме дали се вакцинирани, рече тој