Заглавени во политиканство забораваме што е вистински спас за Охридското езеро

Колумна на Дејан Пановски

Во долгата приказна за Охрид, Езерото и УНЕСКО предметот на интерес се менувал повеќепати, но секогаш бил диктиран од генерални, но и од актуелни случувања. Но, колку и таа приказна да била актуелна или не, недостасува објаснување кои се точно тие вредности, зошто постои конфликт во нивното зачувување и најважното: што точно ние сакаме.

Последниот „конфликт“ кој го следевме до пред некое време произлезе од потребата од преземање на важен чин на префрлање на статусот на Охридскиот регион во гранката наречена „светско наследство во опасност“ без јасно објаснување што всушност тоа би значело тоа за Охрид. Согласно УНЕСКО протоколите тоа носи итна експертска и финансиска асистенција од Фондот за светско наследство и известување на меѓународната заедница за преземање здружени напори за спас на регионот. Ваквиот статус докажано е

ефектен, бидејќи УНЕСКО усвојува корективни мерки и ја мониторира состојбата на нивно спроведување на терен. Поради овие механизми некои држави дури сами ги аплицираат своите УНЕСКО подрачја за статусот загрозени за да привлечат меѓународен интерес и реакција. Во Охридскиот случај никој не ги објасни овие механизми и потенцијал. Дали е тоа затоа што не сакаме засилена експертиза и мониторинг над

штетните акции што години наназад се прават или пак поважен е некој политички момент од шансата да се доведат работите во ред?

УНЕСКО имаше прилика јасно да одговори на ова прашање и да ги покрене механизмите, но неочекувано избра политикантско решение за да остави период за спроведување на некакви нејасни мерки. Се плашам дека со тој пристап го урна својот кредибилитет и сега ќе биде многу потешко да се верува на нивните мисии, извештаи и итност.

Од наша страна пак приказната за УНЕСКО тотално погрешно се врза со рушење на дивоградби, иако проблемот лежи во легалните градби и планови кои ги нарушуваат вредностите на регионот, заради кој всушност Охридскиот регион е впишан на листата на светско природно наследство.

И додека сме упорно заглавени во погрешно фокусираниот конфликт и политичките потреби забораваме на вистинските елементи за заштита.

Првиот е почитување на Планот за управување со сливот на Охридското езеро и мерките во него, а вториот преземање на процес на планска деурбанизација на Градот и деузурпација на брегот на Езерото. Првото е веќе сработено и усвоено на билатерално ниво и треба политичка волја и финансиска поддршка за имплементација на предвидените мерки. Проблемите нема да се решат со пароли и патетика, туку со стратешки планови и спроведување на мерките. Нема веќе губење време за мудрувања, затоа што научно е точно утврдено што и како треба да се спроведе. Тоа значи дека главниот проблем е во вториот елемент: волјата да се влезе во силен процес на деурбанизација и деузурпација. И тоа треба да го направиме за нас самите, не за УНЕСКО или за било кој друг. За нас самите ако сакаме да остане некаква вредност која ќе ни носи и светски статус но и

економски бенефит. А ако не сакаме ?! Па и тоа би била некаква одлука, иако спротивна на сите цивилизациски текови.

Претходна вестУжасен ден: 32 починати лица – меѓу нив на 32, 45, 47, 48 години
Следна вестПосле депонијата од кабаст отпад, аеродромци извадија нови грди слики од терен: ѓубриште во Долно Лисиче и во паркче близу Мичурин