Колумна на Оливер Зафировски:
Медицината и метеорологијата припаѓаат на најстарите науки. Денес веќе не пости никаква дилема дека загадениот воздух е токсичен и неговите штетни состојки директно предизвикуваат повторување на веќе постоечките хронични болести. Секогаш кога времето се менува во атмосферата се менува и електромагнетното поле при што се создаваат електромагнетни импулси, кои имаат влијание на нашето тело и го потикнуваат на реакција и прилагодување. Брзите промени на времето, екстремно ниските или високи вредности на температурата, притисокот и влажноста на воздухот, преку електромагнетните бранови вршат оптоварување на организмот. Електричните полнежи на воздухот, како што се јоните, сферите и електричните полиња можат да влијаат на ендокриниот, вегетативниот и автономен нервен систем.
Зголемената чувствителност на временските промени вообичаено се јавува кај луѓето кои страдаат од психосоматски, кардиоваскуларни, алергиски, ревматски, респираторни и хронични заболувања. Метеоропат е лице кое чувствува здравствени проблеми или влошување на хроничните болести при промена на надворешните физички фактори, како температура, влажност и промена во воздушниот притисок. Обично ден до два пред настанување на временските промени, се јавуваат потешкотии како главоболка, мигрена, висок крвен притисок болка во мускулите, отежнато дишење, кашлица и слично.
Оваа состојба која ја изразува врската меѓу временските услови и чувствителноста на луѓето се нарекува метеоропатија. Постојат два главни типа на метеоропатија:
1. Примарна метеоропатија која се јавува кај здрави поединци во форма на промена на расположението или физичка слабост;
2. Секундарна метеоропатија кога некои постоечки хронични болести се вложуваат поради временските услови.
Во последните години се повеќе се зголемува бројот на алергиски заболувања на белите дробови, а посебено кај малите деца, како и пораст на детската астма. За време на зимската сезона, се повеќе се зголемува и бројот на рецидивантни бронхо опструкции, особено во декември, jануари и февруари, кога ПМ10 и ПМ2.5 честичките, сулфурот диоксид
и азотен диоксид се над нормалните вредности. Тоа е во директна корелација со аерозагадуването низ градовите низ Македонија кај кои што аерозагадувањето е со многу висока концентрација, Скопје, Тетово, Куманово, Гостивар и Битола. Кај малите деца имунолошкиот систем кој е во фаза на созревање е по малку отпорен, што доведува клиничката слика да биде многу потешка, а исто така и со појава на компликации како пневмонија.
Според Светската Здравствена Организација, на годишно ниво во светот околку 4.2 милиони луѓе умираат поради аерозагадувањето, од кои 80 % живеат во урбаните места.
Затоа треба да се работи на подигање на свеста на граѓаните за важноста на квалитетот на воздухот и превземање
на соодветни мерки за намалување на аерозагадувањето, бидејќи сите го дишеме истиот воздух.