Утрово во осум часот на Клиниката за урологија по раководство на др Сашо Дохчев, започна трансплантацијата на бубрег, откако доцна ноќеска беше направена експлатацијата од починат донор, соопшти Министерството за здравство.
„Тимовите на др. Сотир Ставридис и др. Александар Трајановски после полноќ завршија со експлантација на бубег и коскени ткива од 28 – годишен починат донор, чие семејство несебично се согласи да ги донира органите. Благодарение на нивната хуманост, утрово еден бубрег се трансплантира кај 22 годишно момче“, се наведува во соопштението.
Коскените ткива ќе бидат обработени и спремни за трансплантација во наредните денови.
Инаку, велат од МЗ, се работи за донор со исклучително ретка крвна група за која има мал број на приматели на органи на Националната листа за трансплантација и за овие пациенти ова е единствена шанса за живот.
„Голема благодарност до медицинските тимови кои учествуваа во експлантацијата и до семејството на донорот кои ни покажаа што значи хуманост“, велат од Министерството.