Во гимназијата „Никола Карев“ ќе се изучува италијански како трет јазик во наставата.
Станува збор за група од 23 деца што се запишани во прва година, кои во две смени ќе ја посетуваат оваа настава и кои на крајот на своето образование ќе се стекнат со Б2-сертификат за познавање на италијанскиот јазик.
Италијанска паралелка се отвора првпат во нашата земја на иницијатива на средното училиште „Никола Карев“, а со поддршка на Град Скопје и Амбасадата на Италија. Запишаните ученици ќе го изучуваат италијанскиот јазик со 6 часа неделен фонд. Тие ќе имаат можност да изучуваат италијанска книжевност, култура, историја и уметност, а по завршувањето на четиригодишното образование, ќе се стекнат со сертификат за познавање на јазикот со ниво Б2. На тој начин на учениците што следеле настава во италијанската паралелка им се овозможува полесно да се запишат на некои од универзитетите во Италија.