ОЈО потврди: Во тетовската болница имало и лица од надвор, двајца се меѓу починатите

Меѓу починатите во пожарот во тетовската ковид-болница има 12 пациенти и две лица од надвор. Се работи за сопруга на пациент и ќерка на пациентка, соопшти денеска ОЈО.

Од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од Обвинителството посочија дека причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини, се истражува.

– По налог на обвинителството извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот, велат од ОЈО.

Обвинителството ги собира видео-снимките од тетовската болница, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи и се очекува да помогнат во расчистување на настанот.

Донесена е наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката, кој беше присутен и на самото место во опожаренито објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот.

Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во Модуларната Ковид Болница ноќта кога е избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар.

Обвинителството издаде наредба на СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата.

Основното јавно обвинителство во Тетово, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема неопходни мерки и активности за проверка на евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите заштита при работа, а меѓу другото, и на прописите од областа на противпожарната заштита.

 

Претходна вестЕм по стандарди, ем изгоре за 5 минути, како ли ќе беше ако не е по стандарди?
Следна вестВМРО-ДПМНЕ прашува: Каде е Заев два дена?