Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Зоран Заев дека втор ден се крие од јавноста за трагедијата во Тетово, каде што загинаа 14 лица, во пожарот во модуларната ковид-болница.
-Дознавме дека моралната одговорност на Филипче ќе зависела од истрагата. Но Филипче треба да знае дека морална одговорност не се утврдува, туку треба да се чувствува. Во овие траорни моменти најважно е да се има јасна слика за истрагата и преземање на одговорноста, се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека не е возможна објективна истрага „кога Заев и Филипче ќе водат истрага за Заев и Филипче“. Затоа, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, тие треба да се повлечат и да поднесат оставка.
Од СДСМ, пак, возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја поткопа истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово.
-Предизборна политизација на трагедијата е очајнички обид на ВМРО-ДПМНЕ да го покрие тоа што нема понуда и знае дека ѝ следи пораз. Нема да дозволиме лагите, некрофилноста на ВМРО-ДПМНЕ да влијаат врз истрагата. Институциите имаат стручност и капацитет да спроведат темелна и ефикасна истрага. Вклучувањето на странски експерти во откривањето на причините за пожарот е дополнителна потврда за непристрасност во постапката, се наведува во реакцијата на СДСМ.