Вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01, што значи дека се помалку новозаразени во споредба со понеделникот. Досега немаме индикација дека наставниот модел треба да се менува, но во моментот кога ќе добиеме индикација за промена на моделот ние сме спремни така да постапиме, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
-Во училиште се 240 илјади ученици, а вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01, што е навистина многу низок процент. Очекувам дека ќе успееме да се одржиме во ниски проценти, затоа што највисок интерес на учениците е да бидат во училница, изјави Царовска.
Апелираше до директорите, наставниците, родителите да ги почитуваме протоколите, да ги заштитиме своите деца, да им обезбедиме и право на учење кое е основно детско право.
Во однос на укажувањата од Народниот правобранител, Царовска посочи дека протоколите, како и планот за работа и трите сценарија се усвоени на владина седница во координација со Комисијата за заразни болести, уште во јули.
– Во моментов го спроведуваме сценариото физичко присуство во училиште, за сите ученици на цела територија освен Тетово и Гостивар кои започнуваат од следниот понеделник со настава со физичко присуство, вчера Владата ја донесе истата оваа одлука. Но, се останато може да е размислување на одредена институција, но најрелевантни за тоа дали треба да се скратат часовите, не треба да се скратат, дали има здравствен проблем или нема, ниту е МОН, ниту е Народниот правобранител туку е Комисијата за заразни болести. Од страна на Комисијата протоколите се усвоени и како такви детално се практикуваат, доколку има потреба од промена на истите јас сум сигурна дека Комисијата ќе не алармира, но досега такво нешто немаме, рече Царовска.
Царовска, одговарајќи на новинарско прашање информираше дека процентот на вакцинирани наставници е висок и изнесува над 74 процнети.
Изјавата на Царовска доаѓа откако медиумите алармираа дека во потрагата по информации за тоа колку ученици се заразени од почетокот на школската година досега, биле препраќани од МОН, до Министерството за здравство и така во круг. Во еѓувреме, родители реагираат дека во повеќе училишта има заразени ученици, дека има и цели класови кои се онлајн, но од МОН цело време тврдат дека бројката е многу ниска.