Македонија и Косово ќе спроведуваат заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце-Хани Елези. Ова го предвидува Договорот за спроведување на Спогодбата за соработка меѓу владите на двете земји што денеска во Скопје го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот косовски колега Хекуран Мурати во рамки на заедничката седница на двете влади.
Договорот овозможува поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на чекање на граничните премини. Контролата ќе ја вршат заедно царински работници од двете земји, на една точка, односно на граничниот премин Хани Елези.
Македонија веќе има воспоставено заедничка контрола на границата со Србија на граничниот премин Табановце за патниот сообраќај, а треба да се воспостави и во делот на железницата на Табановце, како и на патниот сообраќај кон Албанија на граничниот премин Ќафасан.