На улица „Македонија“ во центарот на Скопје од денеска до недела ќе се одржи традиционалната манифестација Денови на македонскиот мед.
Медот во земјава повеќе се консумира како лек, а не како храна. Трошиме помалку од еден килограм по глава на жител, за разлика од Словенија која троши девет или Јапонија која троши 16 килограми по глава на жител. Да го смениме односот и да го прифатиме медот како значаен производ во исхраната. Да се едуцираме повеќе и да научиме како се препознава вистински, квалитетен мед, а државата да го заштити со закон.
Ова е пораката од годинашната 17 по ред манифестација, во организација на пчеларското здружение „Матица“.
На штандовите поставени долж улицата „Македонија” во центарот на Скопје, посетителите имаат можност да дегустираат и да купат различни видови мед, полен, восок и други производи од наши македонски пчелари.
– Бараме, како тутнот, грозјето и други земјоделски производи и пчелите и медот да бидат законски заштитени и гарантирани. Општо е познато што пишуваат странските медиуми за нашите природни услови, кои се исклучително наклонети за производство на квалитетен мед. Со тоа можеме да се гордееме, но треба и да го сочуваме, вели претседателот на пчеларското здружение „Матица”, Венче Билбиловски.
Тој истакна дека денес, за жал, се поприсутен е мед кој се меша со различни сирупи за да се добие профит. Со тоа се уништуваат неговите природни својства, а кај луѓето се јавуваат аномалии и најразлични заболувања.
Затоа, и една од целите на оваа манифестација е преку непосредни контакти, да се едуцираат граѓаните како да препознаат вистински мед во напливот на фалсификати, и да се укаже колкава е важноста на медот во секојдневната исхрана.
Министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, кој официјално ја отвори манифестацијата, рече дека да се има сопствен македонски мед, а притоа и автохтон вид македонска пчела, е причина за гордеење, дополнително, ако се знае дека нашиот мед на сите светски манифестации, саеми и натпревари ги добива највисоките награди, како потврда за неговиот квалитет.
Според податоците на Министерството, во последните десет години, бројот на пчелни семејства е удвоен и денес изнесува 312.623, а бројот на одгледувалишта е зголемен за дури четири пати и денес е 11.075.