Колумна на Владимир Величковски:
На птиците не им се обрнува внимание, а тие се знак на живот. Во Скопје имаше голубарници. А голубите се преселија под покривите на висококатниците. На врапчињата одвај им фрламе по некоја трошка. Забележувам други птици: црни со бели точки, а крилцата кафени и долго клунче.
Старата скопска чаршија има богата историја, дел од културата и уметничкиот живот. Куртули од „антиквизацијата“ но замре животот во неа: ги преживеа мрачните времиња кога се чувствуваше присуството на војници, меѓутоа не можеше да се спречи исчезнувањето на одделни занаети. Бит-пазар, а тоа е ново е покриен со висока бетонска градба, меѓутоа, ја нема поранешната живост. Сепак, Боб Дилан во 2010 година прошетал во Чаршијата.
Што се случуваше во Скопје? Ги бришеа, грижливо, графитите кои, за некого содржеа „говор на омраза“!? Станува збор за еден од нашите мултиетнички специјалитети. Во ГТЦ, во сутеренот насликаа графити, а сега им направила легален ѕид за сликање, меѓутоа, тоа не се графити со автентичен белег ниту имаат посебни ликовни квалитети. Насликани на неколку мурали, но за мурализам не може да стане збор. За иновации и посебни вредности во областа на уметничкото творештво одвај може да се зборува. Нешто се случува во литературата, филмската уметност, а продолжува да живее и стрипот, не премногу уверливо.
Повторно ја земав в раце книгата „Три човека во чун, а за кучето и да не зборуваме“ од Џером К. Џером. Во овој хумористичен роман се искажани сериозни и тешки вистини за животот на ретко интересен начин. Одделни теми ме потсетија на циклусот карикатури од Боро Пејчинов (автор на анимираниот филм „Отпор“), цртеж со сигурна рака и луцидна мисла.
Ова е предизборен период исполнет со нови лажни ветувања и грди бавреди. Видовме како дел од дневниот партиски активизам рушење на една од дрвенобетонските „галии“ инсталирани во плиткиот Вардар. Грда слика, визуелно, но тоа не потсетува на нашето безумие, на оние што ги гласавме! Не видовме аргументирана ревизија на историјата, ниту план за рушење и повторно градење, што се сведува на правење улици и висококатници, колку и да се тие штетни за градот. Не знаеме од тајните или познатите советници каков е планот за ослободување на градот од Скопје 2014? Гради – руши какво безумие! Некој сака да зборува за светлата иднина на Скопје, но како е тоа можно реално кога се многу грубо присутни длабоките деструктивни зафати врз градот на кој не може да му се вратат некои од поранешните вредности, а во никој случај дека ќе му се врати „духот на местото“. Пред да ја рушат Порта Македонија би требало прво да се ослободи плоштадот од кич градбите. Офицерскиот дом, кој можел да се обнови, стои недовршен. Лош пример е обновениот МНТ! Кој го плаќа сето тоа? Подобро е да се спречува отколку да се лекува. Но мора да се освои власта.