Поминаа 23 дена од трагедијата во Тетово кога во пожар во модуларната-ковид болница загинаа 14 лица. Се уште нема резултати ниту од истрагата ниту од Обвинителството, а нив ги чека и премиерот Зоран Заев кој најави дека откако ќе ги добие ќе одлучи што со понудената оставка од министерот за здравств Венко Филипче и со оние на директорите на тетовската болница.
Форензичките извештаи и анализите на вештачењето за пожарот во модуларната болница во Тетово се при крај, изјави денеска Заев.
– Колку е поскоро, толку подобро, за да ги решиме сите дилеми. Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности. Ред е да се објави тој извештај за да можам и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот, заменик-министерот…., рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Пожарот во модуларната болница во Тетово избувна на 8 септември и во него загинаа 14 лица, а 12 беа повредени. По пожарот, оставки понудија министерот за здравство, неговиот заменик и двајцата директори на Тетовската болница. Во истрагата, покрај домашните истражни органи, се вклучија и германски експерти.