Стар контејнер, неиспразнет најмалку 3 недели, се наоѓа на една од клучните улици во општина Зелениково. Револтиран скопјанец, кој се обидел и да алармира кај општинските служби – но бадијала, постави фотографија на социјалната мрежа Фејсбук. Освен гнев кај соседите и останатите граѓани, друго ништо не се промени. Страшната слика од улицата е идентична.
Ја гледа ли фотографијата актуелниот градоначалник на Зелениково и кандидат за уште еден мандат?
Во меѓувреме на официјалната страна на општината, во првите неколку реченици за опис на општината стои и дека „има природни и зелени пејсажи и прекрасна природа“. Секако дека Зелениково е една од најнедопрените општини од „раката“ на урбанизација, но затоа зеленилото го „краси“ смрдеа и отпад и по три недели.
Но не е само Зелениково. На улицата „Васко Каранѓелески“, во близина на т.н. воени станови, кај базенот Аеродром во истоимената општина, со недели стоеа стари плакари, ве-це шоља, кебиња и сето измачкано со ѓубре од храна, на куп крај контејнерите до самиот тротоар. Па, децата и родителите се чудеа како, заобиколувајќи го да стигнат навреме до училиштето „Љубен Лапе“. Актуелниот градоначалник Златко Марин последните денови од својот мандат изгледа повеќе не се грижеше што ќе направи, бидејќи не доби доверба од централата на неговата партија за да се кандидира пак. После многу алармирања и новинарски текстови депонијата беше исчистена.