Министерот за здравство Венко Филипче не очекува во следниот период да има силен бран на ковид-19 и засега не се размислува за воведување задолжителна вакцинација.
Сепак ситуацијата ќе се следи и ништо не е исклучено, туку се ќе зависи дали досегашниот опфат ќе продолжи и натаму да ги намалува бројките.
– Не очекуваме силен бран, односно притисок во болниците, но сме спремни да се прифатат пациентите во кој било град. Тешко е да се зборува за очекувања, но може да се види од досегашните искуства дека овој бран беше силен и имаше голем број новодијагностицирани пациенти на кои им беше потребно болничко лекување, само во градовите каде е низок опфатот со вакцинација, а во градовите каде тој опфет е повисок нема гужви во болниците, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој уште еднаш како причина за како што ја оцени стабилната состојба е вакцинацијата, односно дека доколку се заразат вакцинирани лица тоа ќе биде со полесна форма на болеста.
Тој денеска повторно ја најави новата рестриктивна мерка за влез на одредени објекти и настани, при што ќе може да влегуваат само вакцинирани со две дози, наместо како досега и само со една, но не кажа од кога. Освен тоа, засега не се размислува за други мерки, истакна Филипче, иако тоа не се исклучува.