Патиштата до Берово и Делчево со децении плачат за реконструкција, плачат од лажните ветувања…   

 

Штом ќе падне малку пообилен дожд камењата паѓаат од ридовите. Тогаш сообраќајот е блокиран, се заобиколува, се губи време… Многупати предизборно е ветувано дека ќе се направи, но ништо од тоа, вели Димче Лозенин Ангелов, жител на населбата Истибања покрај која поминува патот

 Одроните на големи количество на земја и камења изминатиов викенд повторно го запреа сообраќајот на релацијата Делчево – Македонска Каменица – Кочани. Ги имало на повеќе места, а наjголеми беа на раскрсницата за село Бигла, до селото Луковица. Со интервенција на екипите на ЈП „Македонија пат“ натрупаните одрони се расчистија, но опасноста од нови остана, особено кога времето е врнежливо. Така е со децении. Проблемот за овој дел од Македонија да е поголем го прави и сличната опасност од одрони која демне и на делницата од Виница до Пехчево и Берово. Зошто е така? Тамошното население со години очекува нови патишта, а всушност не добиваат ниту подобрена заштита од одрони на старите тесни сообраќајници.

Со први есенски врнежи возачите кои се движат по нив мораат максимално да внимаваат да не удрат во паднатите камења и карпи. А сообраќајни несреќи со жртви, повредени граѓани и уништени возила се се почести…

-Патот преку Македонска Каменица кон Делчево покрај Брегалница е катастрофа, а така е откако беше направен. Штом ќе падне малку пообилен дожд камењата паѓаат од ридовите. Тогаш сообраќајот е блокиран, се заобиколува, се губи време… Многупати предизборно е ветувано дека ќе се направи, но ништо од тоа. Мислам дека тука нема друго решение туку да се направи нова делница, ни вели Димче Лозенин Ангелов, жител на населбата Истибања покрај која поминува патот.

Слично ни вели и Крум Николовски од Делчево.

-Тукашните патни правци се градени пред седум децении и имаат многу остри кривини и големи успони-удолници. Башка што се случуваат чести големи одрони и заледен асфалт. Потребни се реконструкции. Од Скопје до Кочани се стигнува за 1 час и 10 – тина минути. Уште толку и повеќе треба до Делчево, ни вели овој делчевчанец.

Двата регионални патни правца, кон Делчево и кон Берово, се многу важни за Македонија. Зошто не се обноват – подобрат не е јасно, особено сега кога власта вели дека е во градежнички поход. Се гради експресен пат од Штип кон Радовиш кој комплетно треба да се заврши до средината на следната година. Зото такво нешто не се прави и на оваа страна на источна Македонија? Зошто е заборавен Пијанечкиот крај на кој што му припаѓаат Делчево, Пехчево како и Малешевијата?

Кога имав кола и кога одев по тие патишта носев по неколку резервни гуми. Среќа е што има селски пат преку Бигла и Трсино па кога патот е непрооден поради одроните одевме по нив. Блокадата знае да трае од неколку часа па до неколку дена, зависно од одронот и од „Македонија пат“, вели Блаже Ангеловски.

Нашите соговорници велат дека овој проблем тешко дека ќе биде надминат. И до сега имало интервенции со поставувањето на заштитни мрежи против одроните, но тие не помогнале многу. Одроните се најчесто толку големи да ги носат и мрежите. Најдобра опција, според нив, е да се изгради нов пат по нова траса.

– Проблем е што овој крај е секогаш запоставен. Поради тоа и граѓаните се иселуваат во странство. Како да не се иселуваат кога се нема основното – превоз. Песимист сум дека скоро нешто ќе се направи. Пред избори и пред гласања секогаш ветуваа, а секоја зима тука сме отсечени од светот, вели Димче Лозенин Ангелов.

 Кратки делници, а се возат долго

Аце Крстов од Кочани ни вели дека обновата на новиот пат ќе чека уште.

-Патот е навистина во многу лоша состојба, одрони среќавам речиси на секој чекор. Потребна е итна реконструкција за да не се случи некоја трагедија. Но, мислам дека надлежните се уште не размислуваат за неа, се додека некој нивни близок не почине во итна помош на закрчен пат. Делниците Кочани – Делчево и Кочани – Берово се по 50 км, а се возат час и половина, вели Крстов.

 

Претходна вестБанкарската гаранција од 100 илјади евра за неизградените Шпански скали отде во каса на Центар
Следна вестИ денеска иста слика со ковид: Над 400 нови заразени, 9 починати вчера и уште четири од претходно