Не се реши проблемот со бездомните кучиња иако самоуверено ја најавуваа „Лајка“

Десетина кучиња со месеци го запоседнале централниот градски плоштад „Македонија“. Други се главни на кејот. Пред „Бисер“ во Аеродром дежураат сосема трети, а други има во Карпош, во… Всушност, нема скопска населба по која не се движат групи на бездомни кучиња. За жал повремено не изостануваат ни напади и каснувања на граѓани, но за жал има напади и врз кучињата. Зошто овој проблем не се разреши? Па нели градските власти објаснуваа дека знаат „како да го менаџираат проблемот“?

-Ме нападнаа неколку кучиња кои постојано се движат околу наши згради. Додека одев во маркетот две ми пријдоа од зад грб и едното ме касна за нога. Непријатно беше и бев изненаден оти тоа се истите кучиња покрај кои често поминувам. Не знам што може пак да се случи кога се движам до продавницата. Проблемот со ваквите кучиња очигледно не се решава, ни вели скопјанецот Љубомир Стојковски кој живее во општина Центар, во близина на средното фискултурно училиште.

Ова не е единствено непријатно искуство кое го доживуваат граѓаните кога се во прашање кучиња скитници. Напади и каснувања има по речиси сите скопски населби. Само лани во градот вкупно 646 граѓани пријавиле каснување од бездомно куче, а во периодот од 2017-2020 година на територија на Град Скопје, вкупно 1.790 граѓани биле каснати од вакви животни. Бројки кои опоменуваат и загрижуваат.

А всушност бројките требаше да бидат подобри бидејќи од 14 февруари минатата година почна да функционира новото градско претпријатие за заштита на животните „Лајка“. Тоа се опреми со парите од градскиот буџет, но граѓаните се уште ги очекуваат резултатите и решавање на проблемот со кучињата.

-Повеќе кучиња постојано стојат околу пешачкиот премин меѓу трговските центри „Бисер“ и „Каптол“ во Аеродром. Мирни се, но не секогаш. Повеќе пати видов како одеднаш нешто ги вознемирува и почнуваат да лаат и трчаат по луѓе или автомобили, ни рече граѓанинот Васил М.

Извесно е, мора да се бара и друго решение за овој проблем. Ако се чека „Лајка“ со ова темпо како досега да ги истретира сите кучиња ќе се направи голема грешка.

-Проблемот во градот со кучињата до сега е само половично решен. Трајно решение мора да се бара во тоа да се направат посебни живеалишта за сите нив откако ќе бидат прибрани од улиците. Средствата за храна и за грижа да се обезбедуваат преку донации на фирми. Така се прави и во САД во повеќе градови. Со тоа кучињата ќе бидат и згрижени и третирани и нема да напаѓаат граѓани. Кучињата напаѓаат најмногу кога се болни, односно, кога им е потребна помош. Ако сте ги тратирале во „Лајка“ и потоа сте ги вратиле пак на улица каде немаат храна не сте им помогнале многу, смета скопјанецот Сашо Ристевски.

За шест месеци заловени 399 кучиња

По првите шест месеци од работата на „Лајка“ од октомври лани до април годинава биле заловени и третирани 399 бездомни кучиња. Дел биле стерилизирани, дел вдомени, дел вратени на сопствениците. По третманот, најмногу кучиња се пак вратени на улиците од каде беа и собрани за да таму се „снаоѓаат“ за храна и за засолниште од снегот, студот, насилниците…

На кучињата им треба заштита

Барањето на решение за бездомните кучиња треба да биде приоритет и поради самата заштита на животните. Не е редок случајот кога кучиња во Скопје се малтретирани и повредувани од насилници. За жал несовесни дури и ставаат отрови на јавни места. Затоа решението мора побрзо да се најде – им треба заштита на кучињата.

 

Претходна вестУлици мислиш со јогурт се обележани
Следна вестМу помага ли Заев на Шилегов или му одмага?